Дарко Митревски: Иредентизмот на мајка ни!

Иредентизмот на мајка ни: Мамата ваша во жиро-сметка и партиска книшка, и лева и десна!

Дарко Митревски
Дарко Митревски

Недраги и непочитувани, но сепак наши:

Да преминам веднаш на главното: потпишавте! Потпишавте без око да ви трепне, без рака да ви затрепери. Алал вера! Јас не би можел. Вие можете. Секоја чест на бескрупулозноста. Белки и за тоа треба талент.

Нејсе. Се откажавте од нашиот „иредентизам”! Се откажавте, без никого да прашате имате ли право да се откажете. Се откажавте од нешто што не го ни разбирате. Ви рекле газдите да го врзете коњот на суво поило, вие сте го врзале – па макар цркнале и коњот и газдата. Аферим слуги, аргати понизни и вечни коњопојци!

Знаете ли бе од што се откажувате? Знаете ли од која заклетва се отколнувате и за која нова клетва турате образ? Веројатно не знаете, бидејќи вие образ и немате. Што би рекол еден мој истомисленик: во вашите глави нема ништо свето, во нив има само бруто и нето!

Тој „иредентизам“ е нешто кон што нашиот народ се стреми откако е дојден на овие простори.

Од денот кога византиските императори ги означиле териториите што ние, македонските Словени, сме им ги зазеле, како „склавинии“ (во превод: земји на Словените).

Од денот кога решиле со името Македонија да ги ословуваат своите провинции во Тракија – само за да не признаат дека славната земја Македонија повеќе не е нивна, туку наша.

Од времето на царот Самоил, чиишто родени браќа изгинале при опсадата на солунската тврдина, за неговата империја да го владее Егејско Море.

Од годините по падот на тоа наше царство, кога победниците сите словенски фрески ни ги префарбале, за на нив да ги испишат своите грчки слова – за да го поништат нашето историско присуство.

Од ерата кога нивната Цариградска патријаршија се заложила кај турскиот султан да ја укине нашата Охридска архиепископија, за старословенскиот јазик во молитвите да биде заменет со грчкиот.

Од многуте декади на деветнаесеттиот век во кои нивните црковни (и великодржавни) великани се бореле да ја придобијат секоја наша словенска душа во атарот на нивната црква и нација.

Од оловното време во кое нивните агенти ги кодошеле и ги убивале историските ликови на кои денес споменици им градиме.

Од илинденските денови што секоја година ги славиме, во кои (аман, да не се лажеме!) сме посакале наша држава на просторите што денес се нивни.

Од годините на таканаречената „македонска борба“ од 1904 до 1908 година. Години во кои испраќале банди убијци за да ги опустошат нашите села и да ги убиваат нашите луѓе.

Од трагичните месеци на Балканските војни, кога нивните војски цели градови запалиле за оттаму да нè набркаат.

Од периодот помеѓу двете светски војни кога не смеело наш збор да се изусти на целата нивна демократска територија.

Од нашата победа во Втората светска војна, која финиширала со нашата асномска одлука да се обединиме со деловите од нашиот народ што тие го покориле.

Од крвавите денови на нивната (и наша) граѓанска војна, во која тие дури и во едногодишни деца гледале крвни душмани.

Од сите овие повоени децении во кои некои наши (иако формално нивни) тамошни сонародници одбиваа да наведнат глава. Без никаква награда. Без гаранција за подобар живот. Без барем малку шанса за победа. Но сепак одбиваа – бидејќи се горди луѓе, за разлика од вас.

Сето тоа денес во Грција се вика „иредентизам“.

И сето тоа кај нас со векови се вика патриотизам.

Идеологија за која се бореле и гинеле сите наши генерации, од Гоце Делчев па сè до Киро Глигоров.

Идеологија на која родените мајки нè учеле.

Или ако баш сакате да сме саркастични, тоа е „иредентизам“ на мајка ни.

(Но не и на мајка ви, бидејќи вие и од родена мајка би се откажале.)

Туку, кај вас како се вика – во тие партиските штабови во кои ви го шрафат умот?

Добро де, ви го знам аргументот со кој сакате да ги поништите моите тези: зарем јас сакам да тврдам дека ние сме непријатели со нашите јужни соседи?

Да бе.

Токму тоа сакам да го кажам. Ние и Грците сме непријатели. Не од вчера – ами вековни.

Да.

Апсолутно да.

Да без резерви.

Недвосмислено да.

Да за сите пари.

Повторувам: да.

И пак повторувам за вашите нежни уши подмачкани со невладини стипендии, партиски привилегии, тендери, спонзорства, подмитувања, грантови и владини донации:

а) Не-при-ја-те-ли.

б) Ве-ков-ни.

Океј, знам дека сега ќе ме означите како небањат, како назаден, како примитивен, како националист, како ретрограден, како некој што живее во деветнаесеттиот век… Само затоа што гласно го констатирам она што е историски факт: дека ние и Грците сме си душмани на векот – и дека вие сте квислинзи какви што мајка не родила!

За вас немам утеха… Ама ај да видиме како да се оправиме со Грците, со кои немаме разбер едно девет месеци годишно – сè додека не си ја проголтаме гордоста, па поитаме таму на летување!

Туф, туф. Големите душмани! Подзинати за пари.

Небаре па во Европа и светот немало такви.

Да речеме, Англичаните и Ирците.

Или Полјаците и Русите.

Или Французите и Германците.

Или Шпанците и Каталонците.

Или Израелците и Палестинците.

Или пак американските белци и црнци.

Вие да не мислите овие луѓе се сакаат? Се разбира дека не. Но сепак некои од нив (некои, не сите) нашле најмал заеднички именител врз кој можат да ја градат својата иднина.

Повторувам: за-ед-нич-ки. И-ме-ни-тел.

Заеднички именител не е чин во кој на непријателот му признаваш дека е во право за сè. Не, напротив: ти и понатаму го задржуваш својот став, барајќи заедничка основа за нешто што ве зближува.

Се разбира, со непријателот можеш и да се помириш – но тоа е далеку покомплицирана и поболна опција за која се решаваат само најхрабрите и најмудрите (немај гајле, вие немате ни мудрост ни храброст, така што ова не ве засегнува).

Имено, во тој долготраен процес треба да си ги признаете сите гревови (и наши и нивни), сите злосторства (какви што имаме и ние спрема нив, а не само тие спрема нас), сите заблуди (тука да речеме сме пата-пата!)…

Сакате да сме добри соседи?

Важи, нема проблем!

Но ќе мора некој грчки Вили Брант да се поклони врз гробиштата на луѓето што тие ги сотреа. Систематски. Низ долги векови.

И ќе мора некој наш Јасер Арафат да се откаже од нашите историски фантазии за обединета Македонија (особено на териториите на Халкидики, каде што никогаш не сме ни стапнале освен на годишен одмор).

И ќе мораат двата народи да ги прифатат овие одлуки.

И да ги почитуваат нашите таму, и нивните овде. И нашето таму, и нивното овде. И нивните сега, и нашите понатаќе. И овде и онде, и таму и ваму, и сегде, и свегде. И без фолирање.

И ќе мора тоа да биде за вјеки вјеков.

Но тоа не е вашиот скап договор.

Вашиот договор е изнудена тапија со која сета ваша нација ја претворате во куплерај.

Вашиот референдум е чин во кој вие го молите сопствениот народ да се проституира.

Демек: нема многу да ве боли, малку ќе проголтате понижување – ама потоа парите ќе паѓаат од небото!

И наивно верувате дека сте оригинални. Дека сте махери. Дека никому пред вас такво нешто не му текнало.

Небаре пред вас немало проводаџии. Небаре пред вас немало макроа. И немало сопственици на јавни куќи. И немало ништожници. И немало изроди. И немало ѓубриња. И сето она налик на тоа што вие го претставувате: морално и човечко дно на една нација.

Но сепак, за една работа морам да ви симнам капа: алал вера бре!

Поткупивте сè што можевте да поткупите да ви го фали вашето невидливо царево руво.

Се потрудивте да ги подмитите сите интелектуалци чијашто уста беше гладна за мито.

Сите наши национални институции жедни за вонинституционална продажба.

Сите наши „великани“ уморни од сопствената величина…

На тој ваш список на корумпирани јавни личности има и мои некогашни пријатели, колеги, професори, истомисленици, уметници, верни другари…

Нека ви ги, сега се ваши – мои нема да бидат, па макар родена мајка ми ги нудела!

Но и покрај тоа што загадивте сè што можеше да се загади, вие сте длабоко нервозни – да не речам хистерични.

Бидејќи си ги знаете сопствените капацитети.

Бидејќи си го знаете сопствениот неталент.

Бидејќи си ја знаете вашата немоќ.

Бидејќи знаете дека оваа свинштина нема да ви помине.

И оттаму вие, едноставно, не можете да победите.

И тоа, не знам како пристојно да се изразам, ама… бајаги ве јебе.

Нема гајле – допрва ќе ве.

А доколку пак глумите дека не се препознавате во ова мое обраќање, еве подиректно да ве адресирам: мамата ваша во жиро-сметка и партиска книшка, и лева и десна!

 


Преземено од: republika.mk / колумна на македонскиот режисер Дарко Митревски

Leave a Reply