ЦЕНОВНИК

 

  1. Лекторирање

   Лекторирањето претставува интелектуална услуга, во чиј процес на создавање смее да учествува само овластен лектор со положен лекторски испит. Положениот лектoрски испит претпоставува дека лицето е оспособено да врши основна лектура, јазична редакција и јазична стилизација на текстот. Цената на лекторирањето треба да му овозможи на професионалниот лектор да ги покрие сите деловни трошоци и да оствари заработка.

   Лекторирањето е сложен и повеќеслоен процес поради што тежината и вредноста на лектурата не може да се определат еднозначно за одделни случаи. Елементите што ја определуваат цената на лектурата се:

  • степенот на јазичната коректност на добиениот текст,
  • оригинален текст или превод,
  • белетристика или стручна литература,
  • времето потребно за вршење на лектурата,
  • дополнително усогласување на определени аспекти од процесот на лекторирањето со постојна јазична редакција или со преведувач/автор во случаи на несогласување за определени јазични решенија.

     Лектурата се однесува на текст на македонски јазик. Во случај и кога има употреба на други јазици во текстот, нарачателот ја презема обврската за овие делови од текстот.

   Во случај кога текстот содржи слики со текст што се технички недостапни за лектура, на барање на лекторот, нарачателот се обврзува да го достави текстот во форма што ќе овозможи интервенции.

     Во случаи на техничка неисправност на текстот (на пример, кога недостасува дел од текстот, означени а ненаведени фусноти и сл.), односно кога е текстот неподготвен за лектура, односниот дел се враќа на доработка.

    Во ситуација кога лекторот ќе идентификува сериозни отстапувања од општопознати факти (што не се дел од свесна интервенција на авторот или на преведувачот) или делови каде што се губи смислата на текстот (на пример, сиот контекст упатува на негација, а негацијата недостасува), лекторот нема да ги пренебрегне ваквите ситуации, туку добронамерно ќе посочи на нив и ќе се консултира со авторот односно со преведувачот со цел да бидат решени.

       2. Видови лекторски услуги и цена

      Како основна единица за пресметка на цената на лектурата се зема една страница од 1.800 јазични знаци со вклучени празни места.

    Во зависност од обемот и видот на извршената работа, се разликуваат следниве видови лекторски услуги:

  • основна лектура: коригирање на приложениот текст во согласност со македонскиот стандарден јазик опишан во Правописниот речник на македонскиот јазик и во Толковниот речник на македонскиот јазик, т.е. коригирање на правописот и на нестандардната лексика;
  • лектура со јазична редакција: покрај основната лектура, подразбира и изнаоѓање терминолошки решенија, јазични решенија за нестандардна лексика (колоквијализми, дијалектизми, жаргонизми и сл.) и обезбедување проодност на текстот. Во овие случаи, на барање и во согласност со издавачот, со преведувачот односно со авторот на текстот, лекторот изнаоѓа и понудува решенија што ќе ја сочуваат смислата на текстот и ќе бидат соодветни на употребениот регистар;
  • лектура со јазична редакција и со стилизација: покрај основната лектура и јазичната редакција, подразбира усогласување на различните стилски тоналитети во рамките на текстот во согласност со неговиот претпочитан стилски израз (на пример, синхрониски раслојувања и преплетувања, дијахрониски навраќања за доловување на историски моменти, засведоченост и незасведоченост на дејството и други стилистички интервенции што обезбедуваат доследност на јазичниот израз претпочитан од авторот односно од преведувачот). Во овој случај, задачата на лекторот е тесно да соработува со авторот или со преведувачот на делото, сѐ со цел да обезбеди колку што е можно поголема проодност на текстот во согласност со автентичниот стил на оригиналот или на замислата на авторот.

primer-za-cenovnik

       *Ако во процесот на лекторирањето лекторот увиди дека потребното ниво на интервенција е различно од тоа што било првично договорено (на пример, првин била договорена основна лектура, а лекторот при работата наишол на делови што бараат дополнителна јазична редакција), тогаш лекторот ќе го извести нарачателот за ова и во заемен договор ќе биде утврдена конечната цена на лектурата.

          3. Посебни лекторски услуги

   Посебните лекторски услуги вклучуваат лектура на наменски текстови како што се рекламните материјали, огласи, формулари и други административни текстови, аудио-визуелни содржини и сл. За овој вид текстови, лекторскиот ангажман неопходно вклучува основна лектура со јазична редакција и со стилизација и се наплаќа исклучиво како ваква услуга.

      Во случај крајниот продукт да претставува текст помал од една лекторска страница (на пр. плакат и сл.), лекторскиот ангажман се наплаќа како цела лекторска страница.

    Во наменски текстови со голема видливост (плакати, билборди, брошури, комерцијално-пропагандни пораки итн.) може да се очекуваат креативни отстапувања од стандардот поради специфичноста на жанрот. Крајната верзија на ваквите текстови се усогласува помеѓу лекторот и клиентот, при што се зема предвид мотивот на клиентот за отстапката заради постигнување определен ефект на очудување. Во овие случаи, мотивираноста на отстапките се образложува и се документира во писмена согласност меѓу лекторот и клиентот.

         4. Дополнителни лекторски услуги

     Во зависност од сложеноста на лекторскиот ангажман (високостручни публикации, учебници, повеќејазични текстови, хибридни текстови и сл.), тој може да побара:

  • независно двојно лекторско проследување, во кој случај цената на лектурата се зголемува до 30%,
  • дополнително консултирање експерти од односната област, во кој случај на цената на лектурата се додаваат часовите искористени за консултирањето помножени по цената на часот определена од лекторот,
  • дополнителни истражувања од областа, односно консултации со референтни извори, во кој случај на цената на лектурата се додаваат часовите искористени за истражувањето помножени по цената на часот определена од лекторот.

   Итната лектура што ја надминува динамиката утврдена во точка 2 ја удвојува цената на лекторската услуга.
Ако е барањето за итноста нереално и неизводливо со ангажман на еден лектор, тогаш лекторот е тој што ќе ја определи цената и ќе ангажира свои лектори-соработници.

 

Извор: Ценовник на лекторски услуги (Нацрт-верзија од 25.2.2015 год.) – ЗЛРМ.