Драган Живаљевиќ: Колумна

Живуркаме во гето кое осмислено големите сили го држат во изолација 30-ина години. Наместо лулка на словенската писменост ние сме лулка на криминалот и сеопштиот гнилеж под заштита на нашите пастори кои проповедаат владеење на правото. Криминалците кои со децении затајуваат данок ги нарекуваме бизнисмени и претприемачи. Снаодливи луѓе. Дури треба и да ги сожалуваме или барем да ги заборавиме нивните злодела, бидејќи и тие биле нечии жртви.
 
Ние сме нација на молери, таксисти, плочкари, камионџии и келнери во потрага по подобар живот вон границите на нашиот Апартхејд. Образованието систематски се уништува, зошто ним не им требаат доктори, инженери, уметници и научници. Можеби само по некој приучен земјоделец кој ќе одгледува грозје за неколку денари по килограм. Примената на IoT во земјоделството и сточарството е строго забранета. За кога ќе дојдат како туристи да се кикотат кога ќе го пијат нашето вино и со призвук на лажно сожалување да повторуваат:
 
It’s a pity. So beautiful but still a very poor country.
 
Ние што останавме, сме тука за да плаќаме данок со кој ќе ги храниме паразитите и квислинзите од власта и лажната опозиција. Курто и Мурто. И паразитите што седат дома и земаат плата. По Рамковен и кој знае уште кој пишан и непишан, премолчен договор / капитулација од војна која ние ниту сме ја почнале ниту воделе, ама ете, без ние да знаеме, некако сме ја изгубиле.
 
Тука сме за да гледаме како на секој чекор никнуваат згради на сметка на зелените површини, нови коцкарници и спортски обложувалници. Не дај боже, да се изгради библиотека или да се понуди бесплатен курс спонзориран од државата за примена на машинското учење или примената на длабоките невронски мрежи во секојдневните бизниси по примерот на Финска!
 
Тука сме за да го трпиме согорувањето на опасниот отпад, додека некој друг трупа капитал за наредни 10 генерации. За разлика од африканските племиња, кои барем го имаат правото на чист воздух во саваните и џунглите, ние уште не сме се избориле ниту за тоа право. Тука сме за со нашиот данок да се печатат учебници со кои ќе се спроведува шовинистичката и негаторската пропаганда на нашите соседи. Ние да ја плаќаме нивната пропаганда.

Загадениот воздух кој не убива секој ден, спонзорираниот криминал и корупција и масовното иселување не се доволни. Со нивните манијачки раце со кожни ракавици на нашиот врат треба целосно да нѐ задушат. Има да нѐ нема и точка!

 
Какво ехо низ вековите што следат, ќе остави овој наш молк? Ќе нѐ спомне ли некој нас, вака мирни и кротки, додека чекаме тушот да ни го пуштат? Сега знаете зошто празникот (8 Септември) нема да ви го честитам. Ниту сме независни, ниту слободни, а уште помалку достојни на името на земјата која нѐ израснала.
 
За крај, ќе го парафразирам еден мој Facebook-пријател:
 
Правда нема, ама мирот е поцврст од кога и да е.
 
*Драган Живаљевиќ

Leave a Reply