„Тешкото“ admin Македонштина 21/03/201721/03/2017македонско оро, тешкото 0 Comment О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот – во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто навирува река и зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик – та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик. О тешкото! Старци излегуват еве, на чело им мисла, во очи им влага и првиот чекор по меката трева е мирен и бавен, со задржана тага. Но ‘рзнува тапан и писок се крева и молнија светнува во секој глед, и напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред. До старците момци се фаќаат скокум; не издржа срце – сив сокол во клетка, не издржа пламен жив потулен во око, не издржа младост што сака да летне! Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш – се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек. И божем се врасло кипнатово оро со исконска сила за земјава наша и во него шуми на реките зборот, и во него рика див ветер и страшен и во него шепнат узреани житја и вечерен мирис се разлева тих, и земјата дише во пролетна ситост со запален здив. И душата, чиниш, на родот мој мачен во тешково оро се уткала сета – век по век што трупал сè попуст и мрачен од крвава болка, од робија клета, век по век што нижел од корава мисла за радосна челад, за слободен свет, од песна – за љубов што гине со пискот ко жерав во лет. О тешкото! Кога во молк да те гледам, на очиве магла ми напаѓа сура, и одеднаш – в бескрај се растега редот и ридја се губат в пустелија штура – и еве кај иде од маглата матна сè сенка до сенка, сè еден до друг – во бескрајно оро син оди по татка, по деда си – внук. Времињата мрачни се нивното поле, и нивната свирка – на прангите ѕвекот, а главите им се наведени доле, и покроце врват – сè чекор по чекор. О времиња, што ве в мрак родот мој минал, кој збор ќе ми најде за вашата стрв? Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат над пустош и крв?! Кој број ќе ми каже на лутите рани, на пламнати ноќи, на пеплишта пусти, кој на срце болки ќе изреди збрани, и на очи солзи, и клетви на усти? О тешкото! Синџир ти беше на робја, од калеши моми и невести ред. со врзани раце во плен што ги погнал насилникот клет. О тешкото! Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро! се залула танец низ крвје и огон, и повик се зачу и грмеж во чад – те разнесе сегде бунтовната нога по родниот кат. О тешкото! Сега по нашите села во слобода првпат штом оро ќе сретнам, зар чудно е – солза да потече врела, зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?! Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в срце дар златен и пој. Пченицата твоја триж плодна ќе биде, И животот твој! Блаже Конески