- О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
- штом тапан ќе грмне со подземен екот –
- во градиве зошто жал лута ме стиска,
- во очиве зошто навирува река
- и зошто ми иде да плачам ко дете,
- да превијам раце, да прекријам лик –
- та гризам јас усни, стегам срце клето,
- да не пушти вик.
О тешкото! Старци излегуват еве,- на чело им мисла, во очи им влага
- и првиот чекор по меката трева
- е мирен и бавен, со задржана тага.
- Но ‘рзнува тапан и писок се крева
- и молнија светнува во секој глед,
- и напред се пушта, се стрелка, се слева
- стегнатиот ред.
До старците момци се фаќаат скокум;- не издржа срце – сив сокол во клетка,
- не издржа пламен жив потулен во око,
- не издржа младост што сака да летне!
- Се залула оро! Се заврте земја,
- и чиниш – се корне стресениот век,
- и околу трпнат ридиштата темни
- и враќаат ек.
И божем се врасло кипнатово оро- со исконска сила за земјава наша
- и во него шуми на реките зборот,
- и во него рика див ветер и страшен
- и во него шепнат узреани житја
- и вечерен мирис се разлева тих,
- и земјата дише во пролетна ситост
- со запален здив.
И душата, чиниш, на родот мој мачен- во тешково оро се уткала сета –
- век по век што трупал сè попуст и мрачен
- од крвава болка, од робија клета,
- век по век што нижел од корава мисла
- за радосна челад, за слободен свет,
- од песна – за љубов што гине со пискот
- ко жерав во лет.
О тешкото! Кога во молк да те гледам,- на очиве магла ми напаѓа сура,
- и одеднаш – в бескрај се растега редот
- и ридја се губат в пустелија штура –
- и еве кај иде од маглата матна
- сè сенка до сенка, сè еден до друг –
- во бескрајно оро син оди по татка,
- по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,- и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
- а главите им се наведени доле,
- и покроце врват – сè чекор по чекор.
- О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
- кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
- Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
- над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,- на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
- кој на срце болки ќе изреди збрани,
- и на очи солзи, и клетви на усти?
- О тешкото! Синџир ти беше на робја,
- од калеши моми и невести ред.
- со врзани раце во плен што ги погнал
- насилникот клет.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,- дур не стана народ во листена гора,
- сè дури со јадот од векови собран
- не поведе бујно, бунтовничко оро!
- се залула танец низ крвје и огон,
- и повик се зачу и грмеж во чад –
- те разнесе сегде бунтовната нога
- по родниот кат.
О тешкото! Сега по нашите села- во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
- зар чудно е – солза да потече врела,
- зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
- Од вековно ропство, мој народе, идеш
- но носиш ти в срце дар златен и пој.
- Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
- И животот твој!